Телефонски измамници во Охрид, се јавуваат, лажат и бараат пари
Телефонски измамници во Охрид, се јавуваат, лажат и бараат пари

Родителите на Анета Јованоска од Охрид, деновиве биле жртва на лица кое телефонски им се претставувало како инспектор во полициска станица и коe од нив баралo пари. Требало да му платат за наводно случена сообраќајна несреќа во која учествувал нивен роднина. Но, овие луѓе се само едни од многуте жртви на измама кои изминатиов период се соочиле со иста ситуација. Првично на ова семејство му побарале 50.000 евра.
„Со телефонско јавување беа изнудувани пари од моите родители на основ дека мојата сестра која живее во Скопје имала сообраќајна несреќа и дека изгазила дете и затоа се потребни пари кои ги бараат неговите родители, како сестра ми не би одела 15 години во затвор. За жал бројката е огромна на луѓе кои ми се јавија и пишаа дека се соочиле деновиве со исти проблеми како нашите…“, изјави Анета Јованоска-жителка на Охрид.
На прашањето да се идентификуваат и да кажат од која полициска станица се јавуваат, јавувачите ја прекинувале линијата.
„Случајот е пријавен во полициската станица во Охрид. Дадена е изјава и се надевам дека надлежните институции ќе преземат соодветни мерки за да се откријат овие лица…“, рече Анета Јованоска-жителка на Охрид.
Со иста ситуација се соочила и охриѓанката Сантина Целеска, која двапати добила ваков повик.
„На фиксен телефон, од скриен број, ми се јави женски глас со имитацијà на плачење – Мамо направив сообраќајка – за во истиот момент машки глас да го продолжи разговорот дека се јавува од полициска станица, дека има тешка сообраќајка и оти виновна е мојата ќерка. Реков дека немам ќерка, а тој ми вели – твојот син. Му реков дека немам син, а тој нервозно ми вели: сестра ти, брат ти. Му реков дека немам никого…“, вели Сантина Целеска-жителка на Охрид.
Од СВР Охрид, велат дека преземаат мерки за пронаоѓање на лица кои лажно се претставуваат како службени лица и вршат вакви измами. За само два месеци во охридската полиција имало дваесеттина вакви пријави од граѓани. Алсат дознава дека на некои веќе им биле земени поголеми суми на пари.
Мики Трајковски