ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тензии при отстранување објект во Струга, кајакари не го даваа контејнерот кој им е клуб

Со жив штит членови на кајакарскиот клуб „Црни Дрим“ од Струга не дозволуваа да се отстрани хангарот каде им се сместени кајаците и другата опрема. Општината заклучила дека објектот е нелегално поставен на јавен простор и оти треба да биде отстранет. Ангажирана била и фирма која во присуство на триесеттина полицајци се обидуваше да го отстрани металниот контејнер. Дојде до тензии, а од компанијата вербално ја нападна и екипата на Алсат.

„Тргни ја камерата. Сакаш да те газам!“, се закануваше тој.

Претседателот на кајакарскиот клуб тврди дека откако биле избркани пред повеќе од една година од поранешните простории, морале да најдат начин каде да се сместат. Од општината побарале дозвола за локација, но одговор никогаш не добиле.

„…Ние еден грам бетон немаме ставено таму. Срамота е ова. Можеби местото му треба на некој…“, рече Игор Малески-претседател на кајакарски клуб Црн Дрим во Струга.

„Доколку нè отстранат, немаме од каде да тренираме. Едноставно ќе се повлечеме од спортот…“, додава Малески.

Од општина Струга велат – објектот бил нелегално поставен и морало вака да постапат.

„…Лицето кое го има поставено, иако го знаеме, не прима ниту записник, ни решение. Ние издадовме записник, решение за непознат сторител. Потоа е донесено решение за извршување“, изјави Трифун Танески- комунален инспектор.

Во однос на заканите кон Алсат од компанијата која го отстрануваше објектот, од општината со став:

„Го осудуваме секој вид на напад врз медиуми и не сме одговорни за она што се случи. МВР да го испита случајот“, велат од општина Струга.

Откако медиумите си заминаа, контејнерот беше отстранет. Инаку, општина Струга со месеци не соопштува колкав е вкупниот број на дивоградби на нејзина територија и покрај тоа што градоначалникот Мерко на неколку пати тврдеше дека нема такви објекти во заштитената зона покрај Охридското езеро.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button