ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тешкиот снег предизвика повеќе материјални штети низ државава

Паднати дрвја, изгорена трафостаница, блокирани коловози, зголемен број на сообраќајни незгоди. Ова се само дел од проблемите кои ги предизвика пролетниот снег. Камерата на Алсат денеска на терен сними дел од дрвата кои се уште беа по улиците на главниот град. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели тие што имале штети од невремето, за обештетување да се обратат до осигурителните компании или до Град Скопје.

Advertisements

„Очекувам како ќе се подобруваат временските услови, така ќе бидат исчистени сите останати гранки, лисја. Немаме поголем број на пријавени штети што е среќа и уште поголема среќа е дека немаме повреди на граѓани“, рече Шилегов.

Од попладнево сите автопатишта, магистрални и регионални патишта низ Македонија се проодни, тврдат од Јавното претпријатие Македонија пат.

„И на „Стража“ е проодно, со тоа што имаше привремена забрана за тешки товарни возила, на делот Гостивар – Маврово, Гостивар – Кичево, а сега веќе е нормализиран сообраќајот и е пуштен во употреба“, рече Рушка Хаџимитрова Ј.П. Македонија пат.

Во текот на вчерашниот ден, од МВР за Алсат велат дека имало 35 сообраќајни незгоди од кои пет завршиле со тешки телесни повреди каде шест лица биле повредени. Во 10 сообраќајки има полесно повредени, а во 20 сообраќајни незгоди имало само материјална штета.

Овој пролетен снег со сигурност ќе направи проблеми на оние возачи кои решија зимските гуми да ги заменат со летни, обврска која што истекуваше на 15 – ти овој месец. Ако не во градските средини, тогаш сериозни потешкотии при возењето би имале доколку возат во планинските предели од земјава.

Врнежи со снег ќе има до четврток, а веќе следниот викенд ќе може да очекуваме пролетни температури над 15 степени. Најмногу снег досега наврна на Маврово, Крушево и на Шапка.

„Од четврток ќе настапи стабилизирање на времето со пораст на дневните температури, но утринските до крајот на работната недела насекаде ќе бидат под нулата“, рече хидрометеорологот, Ленче Ризова.

Синоќа пак жителите на скопските населби Автокоманда и Железара ги вознемири голем пожар на трафостаница кој го осветли небото. Паднато дрво било причината за дефектот кој за неколку часа бил саниран. Според информациите од ЕВН, прекини во снабдувањето со електрична енергија имало во планинските делови на Скопје во регионот на скопска Црна Гора и Катланово, Дебарско – Струшкиот регион, Луково, Јанче, Лазарополе, Велебрдо и ресенскиот регион на Отешево, Љубојно и Претор. А населбата Трубарево повеќе од 15 часа остана во тотален мрак поради прекин на електричната енергија.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button