Тетово: Граѓански револт за исечените дрвја
Тетово: Граѓански револт за исечените дрвја

Општина Тетово ги прекина работите за санирање на улицата „Страшо Пинџур“ по вчерашните реакции на општинските советници од списокот „Подобро за Тетово“ во врска со сечењето дрвја. Од општината велат дека работите ќе продолжат по решавање на споровите со независните советници, но велат дека не побарале прекин на работите и дека нивната реакција дошла по загриженоста на граѓаните за предизвиканите еколошки штети.
Во меѓувреме, одлуката на општината ги револтираше жителите на населбата, но и сопствениците на околу 100 дуќани кои со месеци не можат да работат поради уништената улица и нечистотијата создадена од прашината и калта.
„Не ни е гајле што имаат меѓу себе, ние како мештани кои сме околу 100 сме целосно деморализирани, не знаеме што да правиме, изведувачот ги прекина работите. Порака за општината и сите останати, оставете ги шегите настрана и почнете да работите дење и ноќе, дуќаните не работат, сега доаѓа празникот Бајрам, почнете со работа, голема штета е овој пат да не се среди, чекаме скоро шест месеци“, изјави еден Сопственик на продавница.
„Десет месеци сме овде без работа, без леб, нема промет а тие играат пинг-понг, кој ќе го добие тендерот. Општината треба да го сфати сериозно и да работи ден и ноќ, заедно со нас да го завршиме во рок од еден месец, бидејќи со ова се поврзуваат 150 илјади жители од Тетово до Јажинце“, нагласи еден друг Сопственик на продавница.
„Сопствениците на дуќаните денеска дури поднесоа петиција со барање до општина Тетово да продолжат работите и да завршат што поскоро бидејќи доаѓаат празници и овие простории треба да работат, а споровите меѓу себе да ги решат во рамките на општината“.
Санирањето на овој пат започна еден месец пред кампањата за локалните избори од страна на поранешната градоначалничка Теута Арифи. Оваа улица, но и некои други инфраструктурни проекти кои беа започнати во предизборната кампања, со завршувањето на изборите останаа на пола.
Башким Сулејмани