ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тетово и Гостивар фрлаат ѓубре во Русино, но не плаќаат

Амбасадорката на Швајцарија, чија земја е и донатор за депонијата Русино, денеска придружувана од министерот за екологија и градоначалниците на полошкиот регион, извршија увид во работите во оваа регионална депонија. Од она што го видоа беа задоволни, особено градоначалниците од полошко, иако Гостивар и Тетово го немаат исплатено долгот кон заедничкото комунално претпријатие.

Advertisements

„Веќе писмено ги известивме општините дека три месеци го немаат платено долгот. Се надеваме дека брзо ќе се исплати, а ако не, тогаш ќе седнеме на маса со градоначалниците на општините, затоа што тие се основачи и ќе одлучиме неплаќачите да се санкционираат со забрана за депонирање на отпадот во Русино. Вкупниот долг е околу седум милиони денари, а тука се вклучени и некои приватни оператори. 40 отсто од долгот е на општините Гостивар и Тетово“, рече Бесим Догани Директор на регионалната депонија Русино.

Градоначалниците Таравари и Касами соопштија дека поради блокираните сметки и кризата, сега не можат да го вратат долгот.

„Имаме долг кон Претпријатието, но за жал, општината има блокирана сметка. Штом бидеме деблокирани, ќе се обидеме да ги покриеме, бидејќи сме свесни дека пред сè за правилно функционирање на Претпријатието, општина Тетово и Гостивар мора да го платат долгот“, рече Таравари.

„Долгот што го има нашата општина е во рамките на секојдневието, оперативен долг, но доколку е повеќе од три месеци, како што рече директорот, ќе интервенираме. Ако општинското претпријатие не може да го плати долгот, ние како општина ќе преземеме мерки“, рече Касами.

Полошкиот плански регион се очекува наскоро да одржи состанок за преземање мерки против општините кои не го плаќаат долгот кон Русино. Инаку, оваа депонија на ова место ќе работи уште две години, по што ќе мора да се најде нова локација. Во меѓувреме, се очекува во Собранието да биде одобрен на заем од околу 50 милиони евра за изградба на нова регионална депонија, каде ќе се врши и рециклирање на отпадот.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button