Тетовската библиотека снема простор за архивирање весници, а ги има од 1945 година

Поради немањето соодветен простор и услови, секој ден сè повеќе се уништува дневниот печат што се чува од 1945 година. Секоја година, велат до библиотеката, се испраќаат барања до Министерството за култура, но парите што се издвојуваат за таа намена се сè помалку, вели директорката на оваа институција.
„За жал, нема некаква голема новост за да се каже бидејќи малку средства се издвојуваат во врска со службените весници и дневниот печат, но најитното прашање за тетовската библиотека е просторот. Уште неколку месеци имаме место да ставаме книги на полиците, а камоли службените весници кои сакаат комплетно посебен простор од библиотеката.“
Вработените во архивата велат дека ако се продолжи вака уште три-четири години, весниците ќе бидат уништени, иако се богатство што ниту една друга библиотека во Македонија го нема.
„Постојат научници од Тетово кои уште од сега ќе мораат да одат во Скопје или во Библиотеката во Битола. Загубата за овие експерти, но и за целото население е голема бидејќи тоа се пишани документи…“
Според раководството на библиотеката, единственото решение за овој проблем, но и за недостигот на простор, би било изградба на нов објект, барање кое се провлекува со години. Инаку, во библиотеката во Тетово, покрај 150.000 наслови на книги, се чува и весникарско богатство на дневниот печат од 1945 година.
Bashkim Sulejmani