Тетовската противпожарна единица неекипирана и слабо опремена

Територијалната противпожарна единица во Тетово со 98 вработени пожарникари работи со бројни проблеми. Споредено со бројот на жители, единицата треба да има 155 вработени. А, покрај персоналот, недостига и опрема, особено механизација и облека. Камионите што се користат во моментов се постари од 30 години.
„Полог и петте околни општини според број на жители треба да има најмалку 55 професионални пожарникари за да го исполнат бројот што го бараат ЕУ и НАТО. Како што можете да видите, целата опрема е донирана. Дирекцијата за заштита и спасување има направено повеќе интервенции во некои случаи, како што е последната со донацијата за урнатините од земјотресот. Ние никогаш не сме добиле никакво возило или нешто друго од државата. Од осамостојувањето на Македонија до сега, протипожарната бригада Тетово е опремена само со еден камион, сите други што ги гледате се донации“, рече Авни Амети, раководител на противпожарната бригада, Тетово.
За подобро функционирање, територијалната единица во Тетово со години бара дисперзирање низ руралните општини. Градоначалникот Биљал Касами ќе бара од руралните општини доколку не можат да формираат свои противпожарни единици, тогаш финансиски да придонесат за да се зголеми бројот на пожарникари во тетовската единица.
„Во комуникација сме и со другите општини, особено со општините кои се во рамките на оваа единица, бидејќи според законот, општините треба да учествуваат во финансирањето на противпожарната единица. Првично ќе им понудиме на сите општини во регионот да склучат договор за покривање на дел од трошоците на единицата, а ќе овозможиме да се отворат и дисперзирани единици во овие општини“, рече Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Алсат посети дел од тетовските рурални општини за да добиеме одговор зошто тие самите не формираат противпожарни единици. Ни одговорија дека им требаат повеќе пари кои самите ги немаат, па очекуваат помош од централната власт.
Башким Суејмани