Тетовските училишта со помалку првачиња, во две села ниту едно дете!

Во тетовските основни училишта годинава значително е намален бројот на запишани ученици во прво одделение. Ако пред една година бројот на првачиња беше 1.091 ученик, годинава има околу 60 помалку. Тоа се цели две одделенија. Но, тоа не е сè, затоа што речиси секоја година десетици други ученици се испишуваат и заминуваат во странство со своите родители.
„Овој случај во нашето училиште е сè почест, за издавање миграциски документи за западните земји. Имаме приближно 30 такви ученици во текот на годината. Тоа е многу болно. Прво се навикнуваме на тие ученици и кога ќе си заминат изгледа како некој од семејството да ни заминал“, рече Самије Алили, директорка на ОУ.„Лирија“ Тетово.
Наставникот Зија Адеми вели дека клупите се сè повеќе празни. И покрај тоа што се градат нови модерни кабинети, наскоро ќе нема кој да седи во нив.
„Клупите оваа година во нашето училиште се попразни. Тоа се случува во првите одделение, а во второ недостигаат ученици во училиштата во Гајре и Лисец, се чувствува недостигот од ученици. Миграцијата си го зема данокот, но последиците, како што изгледа, во наредните години ќе бидат големи. Во нашето училиште за прв пат оваа година го отворивме кабинетот и додека ги средував работите денеска се сетив на прашањето што ми го поставивте. Ќе дојде време кога овој прекрасен кабинет за ученици ќе остане празен“, вели наставникот Адеми.
За разлика од градот, каде што годишно се иселуваат меѓу 30 и 40 ученици, во селата на Шара ситуацијата е многу посериозна. Во некои села може да дојде до целосно затворање на училиштата.
„Тоа е училиштето БЕСА во Вешала и како општина правиме анализи за да дојдеме до решение за оние петмина ученици што останаа во тоа училиште, да ги организираме во некое друго. Во комуникација сме и со раководството на училиштето, како и со Министерството за образование и наука за изнаоѓање решение за овие ученици и за вработените, така што вработените во тоа училиште и учениците да не бидат оштетени“, рече Назми Даути, раководител на секторот за образование во општина Тетово.
Покрај училиштето во Вешала и селото Бозовце остана без нови првачиња. Инаку, годинава во Тетово во прво одделение се запишаа вкупно 1.033 ученици во вкупно 12 основни училишта.
Башким Сулејмани