Тетовско Гајре без вода среде пеколни горештини

Веќе две недели селото Гајре е без вода за пиење. Причина за тоа е дефектот што се појавил во главната цевка што го снабдува селото, при ископ на земја за отворање пат. Две недели по ред Претпријатието не интервенира, поради што жителите се принудени сами да излезат на терен со свои финансии и придонес.
Жителите велат дека во овој период се снабдуваат со вода од каде што ќе стигнат.
„Од пред Бајрам, нема вода. Нема вода 20 дена. Полниме вода од град ја носиме во село, а градот се снабдува со вода преку нашето село, а ние немаме вода. Никого не го интересира што треба да се направи, како да се среди водата. Во селото има болни луѓе, стари луѓе на кои им треба вода. Нема интерес од институциите да дојдат и да се распрашаат зошто нема вода или што можат да направат за да ја средат водата“, вели еден од жителите.
„Без вода сме речиси еден месец. Полниме кај џамијата. Ги ставаме шишињата на сонце и со нив ги бањаме децата, а самите, што да правиме…?
„Немаме што да правиме полниме со шишиња, како во некои села. Се будиш наутро и нема вода за миење очи. Не доаѓаат да го средат, треба да дојде претпријатието, Општината, никој не ни помага. Ние самите толку имаме можност“, реагираат жителите.
Претседателот на месната заедница Реџеп Халили вели дека санирањето на дефектот се врши со придонес и финансии на самите жители.
„Се организиравме и со самофинансирање купивме 110 метри цевки и рачна работа, бидејќи ние како месна заедница побаравме општината да ни обезбеди делови за прицврстување на цевките од старата цевка, но тие само велат дека ќе ни донесат утре. Апелирам најдоцна до утре да ги донесат за да се фиксира ова, а доколку не се направи, тогаш нека не информираате за да се снајдеме со некоја друга институција“, рече Халили.
Од јавното општинско претпријатие велат дека деловите што треба да се заменат се специфични и тешко се наоѓаат.
„За да се направи бајпас на таа цевка ни требаат дополнителни делови кои се специфични. Ги бараме овие делови и се надеваме дека утре до понеделник добавувачот ќе ги донесе деловите и ќе го решиме проблемот што е во Гајре“, изјави Лулзим Шаќири, Раководител на водоводот во ОЈП „Тетово“.
Селото Гајре нема проблем само со водата за пиење. Во ова село никогаш немало фиксна телефонија или интернет, иако токму низ ова село минуваат главните кабли за Шипковица и Попова Шапка.
Башким Сулејмани