
„Наместо историски објект отворен и одржуван за посетители, Тетовското кале стана депонија или објект што од ден на ден се руши. Времето го руши овој објект, но и несовесните луѓе, кои, во овој дел од големо историско значење дури и чуваат коњи. Локалната, но и централната власт во текот на кампањата ветуваа дека ќе го средат Тетовското кале и ќе го претворат во туристичка атракција, но овие ветувања завршија на денот на објавувањето на изборните резултати“.
Жителите велат дека досега никој не се потегнал да го исчисти Калето, а камоли да се грижи за патот или инвестициите на овој простор.
„Калето е во распад и треба да се работи. Првиот човек на општината треба да преземе мерки за калето и патот до таму, има коњи и крави, секојдневно се соочуваме со овие проблеми”, рече еден жител.
„Треба да се одржува почист. До денес никој не работел таму”, додаде друг.
Општина Тетово вината ја упатува до Управата за заштита на културното наследство.
„Потребно е одобрение и соработка од Управата за заштита на културното наследство. Оваа дирекција има задача да се грижи за одржување и реставрација на објекти од особено историско значење, но досега нема преземено конкретни чекори во оваа насока. Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство треба да преземат брзи и конкретни мерки за одржување на тетовското кале“, велат од Општина Тетово.
Историчарот Газменд Арифи нагласува дека одржувањето на калето е важно, поради неговото историско значење.
„Тетовското кале има големо историско и културно значење за тетовчани бидејќи таму се случиле многу настани. Тој е првокласен споменик на културата, иако со текот на времето го оставивме во заборав. Со уништувањето на калето, тетовци изгубија дел од прекрасната историја на градот“, нагласи Газменд Арифи- историчар.
Калето, изградено во 1820 година, е реставрирано само еднаш, и тоа во времето на поранешна Југославија./Алсат.мк
Башким Сулејмани