ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тетовци може да останат без чиста за вода за пиење

Градот Тетово е во опасност да остане без чиста вода за пиење. Една од малите хидроелектрани кои се градат на Шар Планина е во непосредна близина на изворот на реката Пена од каде граѓаните на Тетово добиваат вода за пиење. Инспекторите за животна средина велат дека детално ќе ги прочешлаат сите документи кои биле издадени од страна на државните институции со кои е дозволено старт на градежните работи на хидроелектраните. Но, додека трае ревизијата во документацијата, јавното градско комунално претпријатие на Тетово мора да ја заштити водата за пиење на своите граѓани.

Advertisements

„Утврдивме дека онаа која што е најнапредната со градба, а која е лоцирана највисоко на планината на реката Пена има потенцијална можност за загадување на водите за водоснабдување на градот Тетово“, вели Ана Петровска, в.д. директорка на Инспекторат за животна средина.

Од инспекторатот велат дека нема да дозволат да биде стопирано водоснабдувањето на градот, но и тврдат дека ќе се залагаат  природата да не  биде уништена. Од локалната власт на Тетово ќе побараат документација дали навремено  го заштитиле изворот за вода за пиење.

„Треба градот Тетово да воспоставил досега санитарна зона за заштита на изворот за водоснабдување. Јас не знам, но ние ќе побараме од Општина Тетово дали таква санитарна зона е воспоставена или не. Доколку не е веднаш ќе побараме и да бидеме сигурни дека Тетово нема да има проблем со водоснабдување“, додава Петровска.

Побаравме одговор од Општина Тетово, дали го заштитиле изворот на реката Пена, но одговор не добивме. Од министерството за животна средина надлежни за склучување на договори за концесија велат дека била изработена физибилити студија за влијанието на хидроцентралите врз животната средина. На  реката Пена дадени се дозволи за изградба на 5 хидроцентрали – три на самата река и уште две на нејзини притоки.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button