МАКЕДОНИЈА

„Тие си ги покачија платите за 78%, а ние се иселуваме“

Шарпланинските села од ден на ден сè повеќе се празнат. Таков е и случајот со Гајре кое некогаш имаше плоштад полн со луѓе кој денес е речиси празен. Младите го напуштиле селото поради економската криза. Со 200 евра не се издржува семејството, единствено решение е да се напушти родното место, велат дел од мештаните.

Advertisements

„Само постарите останаа, останавме само ние. Нема повеќе млади. Има луѓе, но многу малку, малку останаа…“

„Младите немаат плата, јасно е зошто заминуваат. Се иселуваат, кажуваат зошто си одат, 78 проценти за нив ја покачија платата, земаат три илјади евра, а ние живееме со 200 евра. Лошо е. Со 200 евра не се издржува семејство. Или бегај или пукни“, реагираат граѓаните.

Во училиштето во Гајре порано имало над 120 ученици, но овој број сега е намален на 37. Наставникот Неџади Исмани вели дека ако миграцијата продолжи со ова темпо, училиштето многу брзо ќе биде затворено.

„Ме растажува кога споредувам како беше некогаш и како е денес. Промената е голема. Некогаш училиштето во Гајре цветаше, но денес училиштето од ден на ден се напушта. Бројот на ученици многу брзо се намалува. Страшно е ова што се случува во моментов. За пет-шест години не можеме да предвидиме ништо, освен дека како што почнало нашите училишта наскоро ќе бидат затворени“, вели Исмани.

„Во последните пет години го гледаме и бројот на ученици овде во нашето училиште. Во ова училиште имавме 127 ученици, додека сегашниот број е 37. Во моментов четворица ученици чекаат да се иселат од ова училиште и да мигрираат во Германија. Жал ми е што морам да кажам, но во планинските предели во последниве 10 години од село Гајре мигрираа 20 до 30 проценти од жителите. Но, по ова што се зборува, младите се пријавуваат во амбасадите и ќе има зголемување на миграцијата“, вели Реџеп Халили- претседател на месната заедница, Гајре.

Селото Гајре нема само проблеми со миграцијата, туку и со немањето вода за пиење, немање сигнал за телефон и други инфраструктурни проблеми.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button