Тошковски: Безбедноста е темел на секое здраво општество

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, упати честитки до сите полициски службеници ширум државата, истакнувајќи ја нивната клучна улога во обезбедувањето на јавната безбедност. Тој оддаде почит и на сите припадници на МВР кои го загубиле својот живот во рамките на службата.
– Овој ден е посветен на вас, на сите полициски службеници ширум Македонија, на луѓето кои секојдневно професионално се грижат за безбедноста на граѓаните, порача министерот, нагласувајќи дека да се биде полицаец не значи само носење униформа, туку и посветеност на заштитата на татковината.
Во обраќањето на свеченоста во Центарот за обука на МВР во Идризово, Тошковски ја потенцираше сложеноста на современиот безбедносен контекст и предизвиците со кои се соочува полицијата.
– Современиот безбедносен контекст е сложен, се соочуваме со големи предизвици и нашата улога денеска е поодговорна од кога било, истакна тој, додавајќи дека Министерството за внатрешни работи активно соработува со бројни европски и регионални партнери.
Министерот се осврна и на резултатите од работата на полицијата во изминатиот период, нагласувајќи дека е постигнато значително намалување на криминалитетот.
– Покажавме дека можеме – сузбивме 14 криминални групи, од кои најмногу поврзани со трговија со дрога. Откривме две организирани групи поврзани со висока корупција, рече Тошковски.