Тошковски: Борбата со недозволената трговија со дрога е и ќе остане еден од стратешките приоритети на МВР

Борбата со недозволената трговија со дрога е и ќе остане еден од стратешките приоритети на Министерството за внатрешни работи. Не само поради нејзините последици врз младите и општественото здравје, туку и поради фактот што овој феномен претставува клучен извор на моќ и ресурси за организираните криминални групи. Оваа борба мора да биде споделена, инклузивна и стратешки насочена.
Ова е пораката од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска се обрати на 16-та сесија на Работната група 4 од Националната конвенција за Европската Унија во Македонија, платформа, како што нагласи, која низ годините се етаблира како сериозен и кредибилен простор за дијалог, анализа и препораки во процесот на европска интеграција.
МВР како институција на првата борбена линија во спречувањето на недозволената трговија со дрога, рече министерот Тошковски, е секојдневно сведок на трансформациите и предизвиците кои ги носи овој феномен, од порастот на синтетичките супстанци и нивната достапност, до поврзаноста со организираниот криминал и транснационалните мрежи.
– Но, токму затоа е важно да истакнеме дека борбата против дрогата не се води само со апсења и заплени. Таа се води и со податоци, со научно утврдени политики, со превенција во училиштата, со програми за третман и социјална поддршка, со меѓусебна доверба меѓу институциите, и со постојана комуникација со граѓаните и заедницата, беше дециден министерот за внатрешни работи.