ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тошковски: Состојбата со издавање лични документи се стабилизира

Тошковски: Состојбата со издавање лични документи се стабилизира

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска, беше во посета на Одделот за граѓански работи, каде што одржа работен состанок со помошник-министерот за граѓански работи, Јован Алтанџиев. Генерално, уште еднаш беа констатирани хаосот и негрижата на претходното раководство како во однос на граѓаните така и во однос на вработените, истакнуваат од неговиот кабинет.

Advertisements

Тошковски со преземањето на функцијата уште од првиот ден потенцира дека управните служби мора да бидат лицето на МВР и на државата воопшто.

„Работењето во управните служби мора да стане престиж, а не казна. Да се биде чест да се работи во служба на граѓаните и брзо и ефикасно задоволување на нивните потреби со брзи и квалитетни услуги“, потенцира Тошковски.

Тошковски истакна дека во иднина интензивно ќе се работи на подобрување на условите за работа во управните служби, подобрување на работните услови во секоја канцеларија и на секој шалтер во државата, како и зголемување на платата за оваа категорија вработени. Истакна дека состојбата со издавањето лични документи се стабилизира и се очекува издавањето за еден месец да се врати во законските рокови.

„Ќе ги зголемиме капацитетите во делот на обработка на барањата за пасоши поднесени во ДКП со цел македонската дијаспора што побргу да добие патна исправа. Обезбедуваме нови количини обрасци за лични документи, кои ќе ги задоволат потребите за наредниот период. Термин за итна постапка се добива за еден ден, а за редовна постапка за најмногу 10 дена. Повеќе нема интерес за закажување термини во пунктот во Идризово и тој ќе се затвори кога ја исполни својата цел со прием на речиси 25.000 барања“, нагласи министерот Тошковски.

Тошковски најави ревизија и контрола на работењето на комисиите надлежни за издавање одобренија за набавка на оружје.

„Од една страна, оружје не смее да поседуваат лица што не ги исполнуваат законските услови. Од друга страна, констатирано е дека само од 2020 година наваму, 5.800 барања не се решени. Во најбрз рок, по ревизијата на работењето, ќе изнајдеме решение и методологија за постапување по нив. Простор за корупција повеќе нема да има! Дополнително, особен фокус ќе биде ставен на Законот за оружјето и на Законот за промет на експлозивните материи за цивилна употреба во насока на усогласување со европската регулатива“, истакна министерот Тошковски.

Во делот на сообраќајот и возилата, Тошковски објасни дека затекната е ситуација со референти во станиците за технички преглед, со што се отежнува нивното работење и во насока на решение во тек е обука на група вработени со цел сите правни субјекти да бидат рамноправни на пазарот. Разгледана беше и состојбата со поднесените барања за државјанство на Македонците од Албанија, кои од непознати причини не се решени сѐ уште, и во таа насока ќе биде иницирана средба со претставници на здруженијата на Македонците со цел полесно да се канализира постапката.

„Во делот на азилот, во согласност со забелешките на Европската комисија, ќе почнеме процес чија крајна цел ќе биде хартиените документи што ги издава Секторот за азил да бидат заменети со биометриски“, констатира Тошковски. /Makfax

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button