Тошковски: За пожарот во Кочани се отвораат многу прашања во јавноста, постапуваме по наредбите од Обвинителството

Истрагата за пожарот во Кочани е во тек и ќе одговара секој еден без оглед дали сторил или не сторил одредено дејствие врз основа на кое што ќе може да се извади причинско последична врска со предметниот кривично-правен настан, посочи денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по обраќањето на Јавната дебата по повод Неделата на пешаците во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Многу прашања поврзани со овој случај се отвораат во јавноста, нагласи министерот, но сепак, вели во овој момент носител на самата постапка е јавниот обвинител.
– Многу прашања се отвораат во јавноста, но сепак, во овој момент носител на самата постапка е јавниот обвинител. Тој е „dominus litis“ којшто е носител на кривичната постапка. Минстерството за внатрешни работи постапува по сите наредби кои што се дадени од страна на Јавното обвинителство, истражуваме за разлика од претходно кога ниту едно лице не беше приведено, а притоа се загубија повеќе од 70 човечки животи во сите сообраќајни незгоди за кои во минатото не било поднесена ниту кривична пријава од страна на МВР. За разлика од тогаш сега покажуваме неселективна и ефикасна борба, рече Тошковски.