Тошковски: За трагедијата во Кочани се постапува по над 50 осомничени, истрагата се уште трае

За трагедијата во Кочани моментно се постапува по над 50 осомничени. Истрагата не е завршена, се уште трае, а обвинителите покажаа дека навистина можело да се работи и поинаку во Македонија, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тошковски е дециден дека против секој еден за кој има докази е поднесена пријава од страна на МВР, како и дека ќе биде соодветно процесуиран секој за кој ќе се најде доказ дека е причинско-последично поврзан со предметниот кривично-правен настан од аспект на исполнување елементи на конкретно кривично дело.
Според него, и МВР не е поштедено од истрагата која го опфаќа периодот од 2012 година до денес.
-Моментно сме во фаза на истрага, истрагата ја води јавниот обвинител. Вчера имавме детално информирање во рамки на факти и околности кои можеа да бидат споделени со јавноста. Истрагата не е завршена. Ние не можеме Обвинителството и МВР да ги претвориме во „преки суд“ зашто некои политички недобронамерници сакаат на гневот на македонскиот народ кој самите го предизвикале уште толку повеќе да го искористат во насока на крадење, манипулирање и стекнување со политички поени. Тоа нема никогаш да го дозволам како министер. Јас работам во интерес на граѓаните и до сега од сработеното на јавните обвинители гледам посветеност, гледам како 11 обвинители се фокусирани на целосно расчистување на овој случај, заедно со истражителските тимови на МВР, нешто што во минатото било незамислива именка, истакна Тошковски.