Официјални изјави ќе се даваат по завршување на истрагата за пожарот

По повеќе од еден час откако ситуацијата беше неутрализирана, пожарот беше изгаснат , а починатите и повредени пациенти извлечени, претставници на владиниот кабинет се појавија во близина на модуларната болница за Ковид во Тетово. Тие преку социјалните мрежи го најавија доаѓањето на местото на настанот.
Премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, придружувани од министерот за здравство Венко Филипче, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вицепремиерот Артан Груби и други, кокетираа пред јавноста, но во тоа време полицијата се грижеше новинарите да не го снимаат разговорот меѓу лидерите. Јавноста не беше информирана од самите функционери за тоа што се случило, ниту за планот што Заев-Ахмети го договорија на местото на трагедијата.
Тие го напуштија дворот на градската болница во Тетово за да отидат во зградата на Општината, на итен состанок на Кризниот штаб. Не е познато во кое својство и зошто лидерот на ДУИ, Ахмети учествувал на состанокот на Кризниот штаб. Првите изјави се очекуваа по состанокот. Ова го вети самиот Заев.
Состанокот траеше околу два часа. И овој пат немаше официјално објаснување. Заев рече дека нема да има изјави додека не заврши истрагата на лице место. Иако медиумите чекаа изјава од средбата, Заев и неговите министри си заминаа набрзина. Меѓу нив беше и Венко Филипче кон кого беа насочени очите на јавноста, но тој одлучи да комуницира со граѓаните преку социјалните мрежи.
На крајот, излезе градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, и не кажа ништо повеќе од верзијата на премиерот.
Теута Арифи, градоначалничка на Тетово: „Договорот од оваа средба е додека државниот обвинител и другите институции не завршат со истрагата, нема да има изјави. Ќе се произнесеме штом бидат официјални информациите.
Иако денеска високи владини претставници се појавија пред медиумите, тие сепак не споделија никакви детали за трагичниот настан, за првите сомневања, ниту за одговорноста на надлежните органи.
Адриан Керими