Трагедијата во Кочани / Опозициската СДСМ тврди дека власта го штити од кривичен прогон сменоводителот Драган Казак Петрушев
Трагедијата во Кочани / Опозициската СДСМ тврди дека власта го штити од кривичен прогон сменоводителот Драган Казак Петрушев

Нови обвинувања на опозицијата за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани – тврдат дека власта го штити од кривичен прогон сменоводителот Драган Казак Петрушев, кој бил на чело на акциската контрола во дискотеката кобната вечер на 16 март. Според опозицијата, јавноста треба да знае дали токму Петрушев ги затворил вратите и не дозволил никој да излезе од дискотеката.
„Дали е точно дека постои снимка на која се гледа дека лично Драган Петрушев спротивно на стандардните оперативни процедури ги заклучува вратите на дискотеката Пулс и не дозволува никој да го напушти објектот? Ако обвинителството поседува ваква снимка од безбедносните камери на дискотеката зошто досега нема обвинение против Петрушев? Дали Драган Петрушев има објаснување зошто акциската контола на објектот Пулс не ја прави во 12:30 часот на почетокот на забавата„, рече Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
Опозицијата тврди дека Петрушев и во минатото бил штитен од владејачката партија, а сега јавно побараа одговори и за ова прашање.
„Дали е точно дека против Петрушев се води уште една постапка за издавање на службена тајна и контакт со криминалци кои наместо да ги гони ги информирал за постапките кои се водат против нив? Дали Драган Казак Петрушев е заштитен затоа што е истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани и ги врши валканите работи на партијата во градот со години?„, додаде Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
Ова се втор дел од обвинувањата за селективност при истрагата во Кочани, откако токму СДСМ вчера обвини дека власта направила пазар со обвинителот Љупчо Коцевски и заеднички го заштитиле началникот од Штип Дејан Салтировски. Во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани загинаа 62 лица, а истрагата на обвинителството за причините за пожарот опфати 46 лица./Алсат.мк
Михаило Донев