
Американскиот претседател Доналд Трамп ја прекина сета воена помош за Украина по конфронтацијата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба минатата недела, објавија американските медиуми.
Официјален претставник на Белата куќа, цитиран од Ројтерс, рече дека Соединетите Држави ја прекинуваат и ја разгледуваат помошта за Украина „за да се осигураат дека таа придонесува за решение“.
Оваа пауза ќе трае додека Трамп не утврди дека лидерите на земјата ќе покажат искрена посветеност на мирот, јавуваат Блумберг и Фокс њуз.
„Ова не е трајно прекинување на помошта, тоа е пауза“, цитира Фокс њуз претставник на администрацијата на Трамп.
Соединетите Држави претходно на 3 март го притиснаа Зеленски да се усогласи со притисокот на Вашингтон за договор за прекин на борбите во Украина, додека европските лидери се обидуваат да преземат посилна улога по вербалниот судир на украинскиот претседател со Трамп во Белата куќа.