Трамп најави дека Зеленски ќе ја посети Белата куќа во петок за да го потпише договорот за минерали

Најавата дојде неколку дена по тензичните преговори меѓу САД и Украина, за време на кои Зеленски тврдеше дека САД вршат притисок врз него да потпише договор вреден повеќе од 500 милијарди долари, што ќе принуди „десет генерации“ Украинци да го плаќаат.
Медиумите доцна синоќа објавија дека се постигнати условите од договорот.
„Слушнав дека доаѓа во петок“, им рече Трамп на новинарите.
„Секако дека е во ред со мене ако сака да дојде. И ако сака да го потпишеме заедно. И од она што го разбирам, тоа е голема работа, многу голема работа“.
Според Фајненшл тајмс, кој прв објави вест за договорот, новите услови не ги вклучуваат претходно наметнатите барања за правото на 500 милијарди долари потенцијален приход од експлоатација на ресурси, вклучително и ретки земни метали, како и украинска нафта и гас.
Рамковниот договор подразбира заедничка сопственост над фонд за развој на украинските минерални ресурси, со одредени клаузули за ресурси кои веќе придонесуваат во државниот буџет.
Договорот е поповолен за Украина од првичната понуда на Вашингтон, но не вклучува долгорочни безбедносни гаранции што Киев сакаше да ги постигне како дел од договорот.
Одредени детали од договорот остануваат нејасни, вклучувајќи го и американскиот удел во новиот фонд.
На прашањето што ќе добие Украина од овој договор, Трамп рече: „350 милијарди долари, воена опрема и право да продолжи да се бори“.
„Во основа имаме договор во врска со земјата и разни други работи“, додаде Трамп.
„Ќе ја разгледаме… општата безбедност на Украина подоцна. Мислам дека тоа нема да биде проблем. Многу луѓе сакаат да го направат тоа и разговарав со Русија за тоа. Изгледа дека немаат проблем со тоа….“, рече тој.