
Американскиот претседател Доналд Трамп по вчерашниот разговор со рускиот лидер Владимир Путин изјави дека не е задоволен од ситуацијата во Украина и дека не постигнале напредок во решавање на конфликтот.
„Разговаравме за многу работи за време на овој прилично долг разговор, вклучително и за Иран. Разговаравме и за конфликтот во Украина и не сум задоволен (од ситуацијата)“, им рече Трамп на новинарите во воздухопловната база Ендрус.
Трамп истакна дека САД продолжуваат да испорачуваат оружје во Украина и покрај намалувањето на американските испораки.
„Дадовме толку многу оружје, но и понатаму даваме и работиме со нив и се обидуваме да им помогнеме. Но, мора да се осигураме дека имаме доволно… Знаете, (поранешниот американски претседател Џозеф) Бајден ја уништи нашата сопствена земја“, нагласи Трамп.