
Американскиот претседател Доналд Трамп рано утринава одржа говор пред двата дома на Конгресот во кој ги претстави активностите на неговата администрација во првите 40 дена и најави дополнителни мерки, оценувајќи дека првиот месец од неговиот мандат бил најуспешен во американската историја.
„Првиот месец од мојот мандат е најуспешен во историјата“, рече Трамп, истакнувајќи дека втор по успешност бил Џорџ Вашингтон.
Тој го постави рекордот за најдолго прво обраќање на заедничка седница на Конгресот, односно обраќање за состојбата на Унијата. Зборуваше подолго од кој било претходен претседател, вклучително и себеси за време на неговиот прв мандат. Зборуваше за војната и агресијата против Украина, но и за царините. Тој пофали многу републиканци и неговите соработници.
Тој рече дека неговата инаугурација пред шест недели „ја прогласи зората на златното доба на Америка“. Досега немаше „ништо освен брза акција“, рече Трамп, додавајќи дека неговата администрација досега направила повеќе од која било друга во цели четири години. „A само што почнaвме“, рече тој.
„До моите сограѓани, Америка се врати“, рече Трамп во својот говор, на громогласни овации и аплаузи од републиканците. Потпишани се над 1.000 одлуки, ова е време за големи соништа, изјави американскиот претседател.
Во текот на целото обраќање на Трамп, републиканците во Капитол стануваа со ракоплескање и одобрување, додека демократите држеа табли на кои пишуваше „Неточно“ и „Маск краде“.
Зборувајќи за брзите достигнувања на неговата администрација во првите 44 дена, Трамп го издвои проблемот со имигрантите, тврдејќи дека тие „одлучиле да не доаѓаат откако ги слушнале неговите закани“. Трамп потсети дека го преименувал Мексиканскиот залив во Американски залив и го прогласил англискиот за официјален јазик на Соединетите држави.