Два дена откако се соочија на телевизиски дуел, претседателскиот кандидат на Републиканците и експретседател на САД, Доналд Трамп, вчера најави дека нема да учестува во друга дебата со својата противкандидатка од редовите на Демократите, Камала Харис, пред изборите закажани на 5 ноември.
„Нема да има трета дебата“, напиша републиканскиот претседателски кандидат на својата социјална платформа Трут соушл по дебатата со американскиот претседател Џо Бајден во јуни годинава и потпретседателката на САД, Камала Харис, на почетокот на оваа недела.
Повикувајќи се на анкетите по првата дебата, Трамп во објавата додава оти победил во дуелот против Камала Харис и дека поради тоа, таа бара нивно повторно соочување.
Од друга страна, на вчерашниот митинг во Северна Каролина, демократската кандидатка Харис порача дека верува оти на американските гласачи им должат уште една предизборна дебата со Трамп.
Според глобалната компанија „Нилсен“ за мерење и анализа на податоци, дебатата на Трамп и Харис во вторникот привлекла 67,1 милиони телевизиски гледачи.