Транспорт и врски: Нов министер – стари ветувања

Новиот министер за транспорт Благој Бочварски ги повтори речиси сите ветувања од неговиот претходник за кои во изминатите три години не видовме значителен напредок, а се однесуваат на изградба на патишта и пруги. Автопатот Кичево – Охрид останува приоритет и за Бочварски, но без да наведе рок кога ќе финишира автопатот кој се гради веќе 6 години. Приоритет останува и изградбата на патот Скопје- Блаце кој не е ниту почнат да се гради поради проблем со сопственоста на земјиштето. Бочварски потврдува дека не е многу направено на овој план.
„Мораме да направиме систем кој ќе се воведе на среден рок на повисоко ниво на експропријација, да имаме добри проекти нешто за што често ни реагира Европската Унија бидејќи поголем дел од средствата ги обезбедуваме од таму. Имаме ниско ниво на експроприрана траса во тој дел но на изведувачот му течат роковите за реализација и тој веќе мора да започне со работа. Согласно законот тој може да започне со работа“, вели Бочварски.
И Бочварски ветува изградба на пругата Куманово- Бељаковце која е еден крак од пругата до Бугарија. Изградбата на оваа делница започна пред седум години, но годинава се повлече германска компанија „Вибе“ која работеше на пругата. Од тогаш работите целосно се запрени и според најавите на Бочварски на оваа делница нема да се работи сѐ до наредната година, а парите ќе бидат пренаменети. Поради прекинот на изградбата на пругата Куманово – Бељаковце, Бочварски тврди дека е намалена реализацијата на капиталните инвестиции кои во првите осум месеци од годинава се само 31,2 отсто.
Бочварски кој на прес конференција зборуваше за задачите кои ги добил од Заев го констатираше и проблемот на кој постојано укажуваа невладините организации – за малиот број инспектори кои не можат да се справат со големиот број дивоградби. За ова прашање рече дека потпишал Правилник за вклученост на граѓаните во носењето на Деталните урбанистички планови.
Андреа Чобанова