
Делегација на пензионерите кои денеска протестираа во Скопје попладнево беше примена од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на која и ги доставија нивните барања што ги соопштија и на собирот пред МТСП.
Главните барања се усогласување на пензиите со објавените податоци од Државниот завод за статистика во ноември 2021 година, линеарно зголемување од 3.500 денари на основицата на пензијата и наместо 12.500 денари, минималната пензија да изнесува 18.000 денари.
Четиричлената делегација побара од министерката Тренчевска да се заземе за нив и да ги пренесе нивните барања во Владата. Појаснија дека бараат линерано зголемување од 3.500 денари што ќе влезе во пензијата на сите 336 илјади пензионери во државава, и тоа да не биде еднократен надомест, а потоа да ги добиваат и процентните покачувања што ќе им следуваат.
Министерката Тренчевска им одговори дека ќе ги разгледа нивните барања – и во МТСП и на седница на Влада, но смета дека нивното барање за линеарно зголемување е противуставно, а барањето за минимална пензија од 18.000 денари не е праведно кон пензионерите што овој износ го земаат сега, а имаат 35 или 40 години работен стаж.