ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Тренчевска: „Пензијата е економска категорија, а не социјална помош“

Линеарното покачување на пензиите е неуставно, вели министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Пензијата е економска категорија, а не социјална помош, така што секој ја добива вредноста на пензијата колку што придонесувал во Пензискиот фонд. Тренчевска посочи дека системот за усогласување на пензиите на секои 6 месеци подразбира зголемување на пензиите во одредени проценти. Барањето за линеарен раст таа го смета за популизам кој би ја довел во прашање стабилноста на пензискиот систем.

Advertisements

„Не е уставно, ниту е човеково право некој кој работел 10-15 години и придонел во Пензискиот фонд за тие години, да добива иста пензија како и оние кои работеле 30-40 години и ги плаќале придонесите за тие години. Пензијата е економска категорија, а не социјална или солидарна помош за да се даде линеарно зголемување. Работиме на системот за усогласување на пензиите двапати годишно што значи зголемување на пензиите“, рече Тренчевска.

СДСМ е на иста линија со министерката Тренчевска. Оттаму велат дека преку ефикасни мерки постојано се работи на подобрување на животниот стандард на сите граѓани, особено на пензионерите.

„Ако во 2016 година просечната пензија беше 13.754 денари, денесво 2023 година е 19.106 денари. Тоа е зголемување од 40 отсто за време на мандатот на владите предводени од СДСМ. За континуирано и навремено зголемување на пензиите, заедно со пензионерите усвоивме нова методологија со која пензиите се зголемуваат на секои шест месеци. Со новата методологија пензиите за само 18 месеци од јануари 2022 година до септември 2023 година ќе се зголемат за 26%, додека за истиот период минималната пензија ја зголемивме од 9 илјади на 12.500 денари“, наведоа од СДСМ.

Според владејачката партија, протестот е граѓанско право, но овој бил поттикнат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пензионерите веќе долго време протестираат низ целата земја со барање државата да им ги зголеми примањата. Велат дека со приходите што ги добиваат не можат да си обезбедат ниту основни услови за живот.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button