Тргната точката со интерпелацијата за претседателот на Уставен суд

Собранието денеска го усвои дневниот ред од 59. седница од кој претходно беше тргната точката за интерпелација на претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски. Точката беше симната на предлог на пратеникот Бобан Карапејовски од ЗНАМ, со образложение дека „не сакаат да учествуваат во правно насилство врз Уставот“. На тоа со процедурални забелешки реагираа пратеници од опозицискиот Европски фронт кои бараа точката повторно да се врати.
Халил Снопче побара повторно да се гласа за точката, а кооридинаторот на Европски фронт, Блерим Беџети, рече дека нема да дозволат да се дискутира и дека „ќе ја блокираат говорницата“ за другите точки од дневниот ред ако потпретседателката Весна Бендевска не го стави предлогот на пратеникот Снопче на гласање. Членовите на Европски фронт застанаа на говорницата, а Бендевска повика да се гласа дневниот ред и тој беше изгласан.