
Министерството за здравство од денеска го започна караванот за да биде поблиску до граѓаните за бесплатната вакцинација против сезонскиот грип за ранливите групи на население. Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, трудници, деца од 6 месеци до 5 години.
„Почнувајќи од денеска во 24 пунктови во нашата земја ќе има промоција на вакцинацијата како во однос на редовна вакцинација што е според годишниот календар за заштита на здравјето на населението, така и за заштита од сезонски грип и Ковид-19. Ние како општество сме имунизирани 46% од заштитата од корона вирусот, додека генералниот тренд на глобално ниво е до 70%“; вели министерот Беким Сали.
Во Центрите за јавно здравје и во нивните подрачни единици заинтересираните граѓани од ризичните групи можат да се пријават преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ и досега се пријавени над 27 илјади граѓани. Надлежните велат дека преку 12.000 покани преку СМС во текот на вчерашниот ден се испратени од „Мој термин“, информирајќи ги граѓаните за датумот и пунктот на вакцинација.
Институтот за јавно здравје најавува дека од утре ќе започне со испорака на 2.000 комерцијални вакцини против сезонскиот грип. Цената за комерцијална вакцина е иста како и претходните години, 800 денари, кои граѓаните кои се надвор од горенаведените категории, ќе ги платат приватно.
Аднан Ќаили