
Владата догодина во државната каса планира да собере 3,9 милијарди евра но во исто време да потроши 4,4 милијарди евра. Тоа значи дека буџетскиот дефицит за 2022 година ќе надмине 500 милиони евра. Според Владата, овие половина милијарда евра кои што ќе ги немаме и ќе мора да ги позајмиме, ќе се потрошат за капитални проекти. Според министерот за финансии, ова е развоен буџет, но треба да одговори и на предизвиците од пандемијата и тековната енергетска криза.
Но, Бесими кажа дека во буџетот за наредната година нема предвидено пари за покривање на трошоците на енергетските компании кои се направени поради кризата, а од што ќе зависи висината на цената на струјата за граѓаните. Проблемите, вели Бесими, кои ќе настанат со енергетската криза ќе ги решава посебен тим од владата.
„Дали има ставка за МЕПСО, реков дека ова е буџет за 2022 – ра, нема таква ставка тоа што се однесува на кризата за оваа година има работен тим кој работи на тоа и со оглед на потребите така ќе се реагира. Јас кажав дека за тоа нема бројка во буџетот“, рече Бесими.
Економскиот раст за наредната година е проектиран на ниво како и германскиот односно 4,6 отсто, а инфлацијата 2,4 насто. Владата планира од граѓаните и фирмите да собере над 10 отсто повеќе пари од даноци во однос на годинава. Во однос на јавниот долг, тој во 2022 година ќе достигне речиси 66 отсто од БДП. За плати и надоместоци во државната каса се предвидени 531 милион евра.
„Тука влегуваат, раст од пет отсто во здравство, потоа раст од 15 отсто на плати во судство, 15 отсто раст на плати во обвинителство, потоа седум отсто раст на плати во образование, согласно колективниот договор. Раст на платите во култура согласно колективниот договор и 10 отсто раст на платите на инспекциските служби“, додава Бесими.
Предлог Буџетот за 2022 година денеска е испратен до Собранието, а за тоа потврда добивме и од собраниските служби. До крајот на денот сите пратеници ќе го имаат на увид овој документ. Бесими смета дека актуелната политичка криза нема да биде пречка за усвојување на Буџетот за наредната година и дека има доволно време да се запазат сите собраниски процедури и тој навремено да биде усвоен од пратениците.
Иле Петревски