ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Три години по автобуската несреќа кај Ласкарци, правда нема

Поминаа точно три години од трагедијата кај селото Ласкарци во која животот го загубија 16 патници на „Дурмо Турс“ кои патуваа од работа кон своите домови. 38 од парниците беа повредени. Траумите и повредите на преживеаните и тешко повредени патници на автобусот кој излета од автопатот Скопје-Тетово и се преврте и денеска се болни.

Advertisements

„За случајот кај Ласкарци и ден – денеска имам големи последици. Имав тешки телесни повреди. Го изгубив и работното место и имам инвалидска пензија. Имам неколку медицински зафати кои треба да ги направам. Имав повреда на рбетниот столб“, изјави Љуљзим Далиби, повреден.

Соња Аврамовска тој кобен 13 февруари пред три години засекогаш ќе го загуби својот син единец. Нема утеха за нејзината загуба, но болката е уште поголема кога и по три години никој не одговараше за смртта на нејзиното дете.

„Тоа не беше сообраќајна несреќа. Тоа е убиство. Убиство на 16 луѓе. Од срцев удар, пред судењето на 20 април, на 19 април, мојот сопруг почина од срцев удар… За мене веќе животот престана да постои и времето да тече од 13 февруари 2019 година. Јас не живеам. Јас само дишам“, рече Соња Аврамовска, мајка на загинатиот Бобан Аврамовски.

Во центарот на Гостивар се планира да се постави спомен плоча во чест на загинатите во сообраќајката кај Ласкарци.

Судењето за автобуската несреќа е заглавено. Доказната постапка заврши но кога се очекуваше пресуда, Судот мораше да нарача супервештачење за причините за несреќата, зашто одбраната и обвинителството презентираа вештачења кои самите ги нарачале, а кои беа сосема различни.

Сега се чека на Бирото за судски вештачења кое допрва треба да ангажира вештаци кои ќе го направат супервештачењето. Доколку вештачењето не заври до март, ќе поминат 90 дена од последното одржано рочиште, кое беше на 21 декември, а што ќе значи враќање на судскиот процес на самиот почеток.

Сè додека не се изготви супер вештачењето се одложуваат сите веќе закажани судења за Ласкарци. Првото рочиште се одржа во септември 2019 година, половина година по трагедијата. Обвинителството утврди вина кај шест лица. Според обвинението, возачот возел со 99 километри на час, при што изгубил контрола над автобусот и излетал од автопатот. Обвинителството констатираше и низа неправилности и во работењето на „Дурмо Турс“ и на Техничкиот центар – Гостивар, каде се сервисирал автобусот. Според обвинението, иако се знаело дека автобусот бил неисправен и не работел системот за сопирање, тој сепак не бил сервисиран. Во автобусот имало вградено и уред за лажно мерење на брзината со која се управувал автобусот. Дурмиш Бељули, кој е газда и на Дурмо турс и на Техничкиот центар каде автобусот се сервисирал е првообвинет за трагедијата. Покрај него му се суди на возачот, како и на уште четворица вработени во фимите на Бељули. Им се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. На стартот на судскиот процес, на поголем дел од обвинетите им беше одреден притвор, но во меѓувреме сите ја напуштија Шутка и судскиот епилог го чекаат на слобода.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button