ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Трифонов го нападна Петков: Сака да го тргне ветото за С Македонија без никакви гаранции

Лидерот на еден од коалициските партнери во бугарската Влада, Има таков народ, Слави Трифонов, остро го нападна премиерот на Бугарија, Кирил Петков, дека се обидува да го заобиколи коалицискиот договор и да го тргне ветото за Северна Македонија и земјава да започне преговори со ЕУ до крајот на јуни годинава.

Advertisements

Притоа, обвинува Трифонов, да нема никакви гаранции за почитување на правата на Бугарите во земјава.

„Пред да се формира оваа влада, четирите партнери преговараа и потпишаа коалициски договор. Во него, во делот за надворешна политика, сите се согласивме дека Бугарија ја задржува сегашната позиција во однос на Северна Македонија. Тоа значи дека почетокот на преговори на Северна Македонија за нејзино членство во ЕУ ќе има дури кога ќе почне да го спроведува договорот помеѓу двете држави од 2017 година. За жал, премиерот Кирил Петков постојано се обидува да го заобиколи овој договор и без никакви гаранции да го отфрли ветото што го стави Бугарија. Тој сака да започнат преговори до крајот на јуни без никакви гаранции за почитување на правата на Бугарите во оваа земја. Потенцирам дека тоа го прави без да ги координира своите изјави и постапки не само со дипломатите од МНР туку и без координација со коалициските партнери, а уште помалку со Народното собрание“, пишува Трифонов во обвинувањата упатени кон Петков преку неговиот Фејсбук профил.

 

Лидерот на Има таков народ во својата објава наведува дека Бугарија е парламентарна република и бугарскиот парламент има јасен и недвосмислен став на темата за Северна Македонија, како и дека ставот го поддржале сите пратенички групи на последната средба со Советот за национална безбедност кај претседателот Румен Радев.

Трифонов понатаму споменува и странски дипломати кои знаат за ветувањата на Петков во врска со прашањето за преговорите со Северна Македонија и вели дека тие биле изненадени што коалициските партнери во владата не биле информирани за тоа.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button