ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Трите партии од ВЛЕН контра Таравари – Немаме комуникација со ДУИ

Останатите три партии од коалицијата ВЛЕН го демантираа Таравари. Велат дека немаат комуникација или канали за комуникација со ДУИ и нејзиниот лидер, како што тврди Таравари. Демантот беше координиран, со слични пораки, веднаш по интервјуто на лидерот на Алијанса за Албанците.

Advertisements

„Алтернатива нема комуникација на ниту едно ниво и на ниту еден канал со Демократската унија за интеграција и нејзиниот претседател. Имено, Алтернатива смета дека нема причина или потреба да комуницира со партија запишана на американската црна листа на лицата нон грата, која Албанците ќе ја паметат само по корупција, криминал и злоупотреба на власта. Адреса за заштита на албанските интереси е преку комуникација со народот и одбрана на нивните интереси на прецизен и достоинствен начин”, рекоа од Алтернатива.

„Ниту претседателот Билал Касами, ниту кој било друг експонент на Движењето БЕСА нема никаква комуникација со Демократската унија за интеграција. Граѓаните и симпатизерите на Движењето БЕСА добро знаат дека од нејзиното формирање до сега никогаш не сме биле во комуникација со ДУИ, кога таа требаше да се спаси од нејзините дела, ниту сега нема никаква причина дури ниту канал за комуникација .ВЛЕН има смисла само до тој степен што одржува политичка дистанца од ДУИ“, рекоа од Движењето Беса.

„Демократското движење ги отфрла сите шпекулации дека има комуникација со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Демократското движење нема и нема да има никаков вид соработка со партија натопена во корупција, каде нејзините главни фигури се ставени на црната листа на американскиот Стејт департмент за заробено судство и злоупотреба на власта. Демократското движење останува цврсто во својата визија за чиста, некорумпирана политика во служба на граѓаните“, рекоа од Демократското движење.

Реакциите на сите три партии следуваа само неколку минути откако Таравари рече дека има канали за комуникација со ДУИ и додаде дека не верува дека и другите партии немаат канали. Тој денеска го омекна ставот повикувајќи се на вообичаените контакти што ги имаат пратениците. Но во синоќешното интервју за 360 степени, тој призна дека има сигнали од ДУИ за сотработка на локалните избори и рече дека нема сомнеж дека такви контакти имаат и другите партии на ВЛЕН.

„Постојано има луѓе кои комуницираат од различни партии. Во најмала рака, пратениците во Собранието од сите партии се среќаваат меѓу себе“, рече Таравари.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button