Царината молчи за ИРАНСКИТЕ камиони во дивата кумановска рафинерија!
Царината молчи за ИРАНСКИТЕ камиони во дивата кумановска рафинерија!

Останува енигма што барале шлепери со ирански таблички на местото каде што била поставена дивата рафинерија. Додека инвеститорот признава дека имал соработка со ирански компании за трговија со моторни масла, од Царинската управа не соопштуваат детали со каква лиценца работеле. Директорката Славица Кутиров во текот на денов не се појави пред камерите, а не одговори ниту писмено.
„Знаејќи дека во индустриската зона Куманово не е дозволена дејност преработка на прегорени масла, инвеститорот решил да постави темел на нелегален објект за преработка на прегорени масла во село Костурник, кој е единствен од ваков вид во нашата земја“.
Жителите велат дека овој погон сериозно им го загрозува здравјето и веќе почнале да ги чувствуваат последиците. Наставникот во селското училиште Феми Џафери вели дека не може да си ја работи професијата.
„Децата не можат да излезат надвор, часот по физичко не може да се одржува, прозорците не се отвораат иако е потребно проветрување за време на пандемијата… Сè тоа поради неподносливиот мирис. Влијае кај луѓето, подоцна ќе влијае и врз вегетацијата, на она што го јадеме и ќе имаме сериозни канцерогени последици“, изјави Феми Џафери, Наставник.
Во меѓувреме, пролетта доцни во Костурник. Жителите велат дека сè уште нема цветови на дрвата, а не можат ниту да ги засадат бавчите. Нивниот апел до централните и локалните власти е целосно да се отстрани погонот од пред нивните врати. Од надлежните институции велат дека по истекот на рокот за разгледување на записникот на Државниот и општинскиот инспекторат за животна средина, на правното лице „BASE OIL“ и на инвеститорот им се заканува кривична тужба за загадување на животната средина, за истурање отпадно масло во селската река и за дивоградба на објектот каде што е изградена фабриката.
Аднан Ќаили