ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Царината се амнестира од одговорност за аферата со увезуваното отпадно масло

Царинската управа се прогласи ненадлежна за скандалот со мазутот. Оттаму велат дека сè што има над 1% сулфур не дозволуваат да влезе во земјава, а другите параметри, како случајот со увезуваното отпадно масло, требало да го откријат други институции.

Advertisements

„Кај сите останати видови на стоки за кои се предвидени различни стандарди за квалитет, за квалитетот на мазутот, надлежни институции за спроведување на контролата се Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина“, наведуваат од Царинската управа.

Од царината соопштуваат дека констатирале оти меѓу 2018 и 2020 година имало случаи на неправилно пријавени стоки за да се плаќаат помали давачки.
„Низа увозници сакаат да ги декларираат нивните производи како мазут, наместо како дизел горива, со цел да платат помала акциза бидејќи мазутот има пониска акциза во однос на другите нафтени деривати“, додаваат од Царинската управа.

Скандалот со мазутот се префрли денеска и во Собранието на седницата за пратенички прашања. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта дозволила да се трујат граѓаните.

„Дали некој ќе поднесе одговорност за ваквата спрега на Власата и бизнисот? Кој и колку добил милиони провизија од ова труење и согорување на отпадниот мазут во Македонија? Еве, веќе поминаа повеќе од 7 дена од најавената истрага и резултати нема или ако тие ги има се делумни. Колку луѓе умреле поради труење кое го гледаме? Ова труење го договорил Кочо Анѓушев во Владата“, рече Зоран Јанчев, пратеник на ВМРО ДПМНЕ.

Отпадното масло кое се увезувало како да е всушност мазут се користело за загревање на болници и други државни институции, а за горење го користеле велешката фирма БРАКО на Анѓушев, но и кавадаречкиот комбинат Еуроникел.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button