Царината спречила шверц на лекови, стоматолошки материјали, очила со диоптер, цигари…

Царинската управа во текот на изминатите денови спречила повеќе обиди за криумчарење лекови, стоматолошки материјали, очила со диоптер, поголема количина цигари, мотоцикл, УПС уреди за напојување со електрична енергија и друга стока. Од почетокот на годинава до сега севкупно на ниво на цела царинарница Гевгелија запленети се 700 штеки цигари.
Како што денеска соопштија од Царинската управа, бил спречен обид за криумчарење лекови на граничниот премин Деве Баир. Запленети се пет парчиња ампули Genotropin GoQuick од 12 mg што се употребуваат при недостаток на хормонот за раст, 50 вијали Dysport, раствор за инјектирање, што се употребуваат при цервикална дистонија и други медицински цели, чиј внес во државата подлежи на посебни дозволи од надлежни институции и истиот е строго регулиран.
– До сторителот од страна на Секторот за контрола и истраги е поднесена кривична пријава. Случајот го открија царинските службеници на влез во државата на граничен премин Деве Баир при контрола на автобус кој сообраќал на линија Македонија – Турција – Македонија. При тоа во торбата на возачот покрај лековите, пронајдени се и 20 кутии со 170 кг мед, 177 парчиња чоколада, три килограми чај, како и над 40 парчиња фармерки со ознаки на заштитени марки, се додава во соопштението.
Мобилен тим запленил над илјада парчиња стоматолошки материјали меѓу кои прибор за импланти, материјали за изработка на круни и мостови, материјал за пломбирање заби, средства за белење заби, стоматолошка гума и други стоматолошки материјали. Истите се откриени на влез во државата на граничен премин Богородица при контрола на автомобил со кој патувал македонски државјанин. Сторителот, инаку македонски државјанин, без да ја пријави стоката чиј внес е строго регулиран и подлежи на посебни дозволи, сакал да ја криумчари во државата. Против него е поведена соодветна постапка.
Царината запленила и над 600 парчиња очила со диоптер за кои увозник не поседувал дозвола за увоз. Случајот е откриен во царинска испостава Гевгелија при контрола на разна стока со потекло од Кина којашто била пријавена за увозно царинење.