Во согласност со одлуката на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска стапи на сила нов сет на царини кои погодуваат околу 60 земји, со посебен фокус на Кина. Овие мерки предизвикаа сериозни потреси на глобалните финансиски пазари, при што цените на акциите драстично паднаа низ Азија, а Волстрит падна на најниско ниво во една година.
На азиските берзи, индексот MSCI на азиско-пацифичките акции утрово беше во минус за речиси 2%. Јапонскиот Nikkei потона за повеќе од 4%, додека индексите во Хонг Конг, Јужна Кореја и Австралија паднаа меѓу 1,6% и 1,9%. Иако кинеските берзи во Шангај забележаа благ пораст, инвеститорите беа јасно потресени од воведувањето дополнителни царини.
Немирите на пазарот се проширија во Европа и САД. Фјучерс индексите во Европа и на Волстрит влегоа во црвената зона, при што фјучерсите на Eurostoxx 50 паднаа над 3,5%, додека Nasdaq и S&P 500 забележаа пад од над 1,5%.
На Волстрит сите главни индекси забележаа пад.
Трамп, и покрај надежите на инвеститорите дека мерките може да се олеснат, ги исполни своите закани – царините за кинеските производи се зголемени за дополнителни 50%, достигнувајќи вкупно 104%. Како одговор, Кина најави контрамерки во форма на царини од 54% за американските стоки и отфрли секаква можност да попушти под притисок на Вашингтон.
Економистите предупредуваат дека двете најголеми светски економии влегле во „кукавичка игра“ без јасен излез. Тинг Лу, економист од компанијата „Номура“, истакна дека ситуацијата е „исклучително флуидна“ и дека во моментов е невозможно да се процени како трговската војна ќе влијае на кинеската економија.