Царовска: Можно е наставниците да работат од дома

Министерката за образование и наука, Мила Царовска најави дека е можно наставниците од дома да држат онлајн часови, за да не мора да се загрева цела училница
Во врска со функционирањето на Националната платформа за он-лајн образование, Царовска не прецизираше кога ќе биде функционална во целост, но вели учениците и наставниците имаат пристап за двонасочна комуникација.
Околу барањата на родители од Македонска Каменица за одржување настава со физичко присуство, министерката порача дека мора да се следат препораките на Комисијата за заразни болести, а со бојкот на настава, вели, губат учениците.
„Бојкотот на наставата е само неконструктивен начин на изразување незадоволство од пандемијата. Тоа не е нешто што одлучуваме дали го сакаме или не го сакаме. Тоа е нешто со што мора да живееме, а со бојкотирање на наставата губат учениците. Наша обврска е да го штитиме здравјето на граѓаните, поради тоа што младите може да пренесат ковид-19. Ако така одлучила Комисијата за заразни болести, јас ги повикувам учениците и наставниците да се приклучат кон овој начин на настава“, порача Царовска.