Царовска поддржува настава со физичко присуство, но чека зелено светло од Комисијата за заразни болести

Целосно отворени училишта, настава од прво до четврто одделение со физичко присуство додека останатите одделенија онлајн, како и ротација на учениците по групи – една недела во училиште, друга недела онлајн. Ова се трите можни сценарија што Министерството за образование ги разгледува за почетокот на новата учебна година од септември. Министерката Царовска рече дека сите го посакуваат првото сценарио, но спроведувањето ќе зависи од епидемиолошката состојба и Комисијата за заразни болести ќе одлучи за тоа.
Враќањето на учениците во училиште може да се проблематизира и ако процентот на наставници имунизирани против Ковид 19 е мал. Иако вакцинирањето на наставниците нема да биде задолжително, министерот за здравство Венко Филипче апелира наставниците да се вакцинираат со цел новата учебна година да започне со физичко присуство. Поради пандемијата Ковид 19 и недостаток на услови за учење од далечина, последната учебна година 2020/2021 година започна со еден месец задоцнување односно од 1-ви октомври. Физичка настава имаа само ученици од прво до трето одделение, додека другите, вклучувајќи ги и оние во средно училиште, учеа од далечина.
Мелихате Рустеми