Царовска: Подготвени сме за успешна учебна година и спроведување на реформите

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска одржа редовен координативен состанок со директорите на основните училишта на кој, како што информира МОН, беше заклучено дека училиштата се подготвени за започнување на новата учебна година од 1 септември по новата Концепција и според потребните здравствени протоколи. Од почетокот на оваа учебна година, Реформата почнува да се спроведува во прво и четврто одделение.
– Како што веќе сте запознати, во тек е дистрибуцијата на новите учебници за прво одделение до училиштата, пишувани според новата наставна програма. Навреме ќе бидат достапни и дигиталните материјали за учење за четврто одделение кои ќе бидат само уште една алатка повеќе во успешното совладување на материјалот. Првпат имаме и навремена испорака на учебниците за останатите одделенија кои ги побараа училиштата согласно договорите, а се однесуваат на останатите одделенија кои годинава не се опфатени со реформата, рече Царовска.