ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Цената на нафтата надмина 79 долари на крајот на годинава, дополнителен раст се очекува следната година

Цените на нафтата денеска се задржаа над 79 долари на меѓународните пазари. Поточно, цената на барелот беше 79,50 долари на лондонскиот пазар и 76,89 долари во САД.

Во Лондон цената на нафтата се очекува да ја заврши годината со плус 53 отсто, додека на американскиот пазар оди кон профит од 58 отсто. Ова е негов најголем раст, на двата пазари, од 2009 година, кога порасна за повеќе од 70 отсто.

Своето највисоко ценовно ниво годинава го достигнаа во октомври, кога на лондонскиот пазар со барелот се тргуваше по 86,70 долари и на американскиот пазар 85,41 долари.

Дополнителен раст на цените се очекува следната година, паралелно со закрепнувањето на побарувачката за авионски горива.

– Имавме делта и омикрон и разни видови заклучување и ограничувања за патување, но побарувачката за нафта остана релативно стабилна. Ова може да се припише на стимулации кои ја поддржуваат побарувачката и ограничената понуда – изјави Крег Џејмс од австралиската брокерска куќа CommSec.

На крајот на неделата и годината, цените беа блокирани со скок на бројот на заразени со Ковид 19 ширум светот, од Австралија до Соединетите држави, поттикнати од екстремно заразната нова варијанта на коронавирус, омикрон.

Американските здравствени експерти ги предупредија граѓаните да се подготват за сериозни нарушувања во наредните недели, бидејќи стапката на инфекција најверојатно ќе се влоши поради честите патувања за време на празниците и отворањето на училиштата по зимскиот распуст.

Со цената на нафтата блиску до 80 долари, Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници, предводени од Русија, најверојатно ќе ја потврдат одлуката на 4 јануари за зголемување на испораките во февруари за 400.000 барели дневно, изјавија четири извори.

„Мислам дека ОПЕК + ќе биде под силен притисок да обезбеди доволно нафта на пазарот“, рече Џејмс.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button