ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Цената на струјата од јануари ќе ја одредува ЕВН Хоум

Од 1 јануари новата цена на струјата ќе ја пресметува дистрибутивната компанија ЕВН Хоум. Но, овие одлуки ќе бидат под надзор на Регулаторната комисија за енергетика, која до сега сама ги формираше цените како независно тело. Но, со новите измени во Законот за енергетика, отсега ЕВН ќе ја одредува цената за малите потрошувачи и домаќинствата.

„Согласно новите измени во Законот за енергетика, ЕВН Хоум како универзален снабдувач отсега ќе биде одговорна за пресметување на цената на електричната енергија, особено за категориите мали потрошувачи и домаќинства. Досега овие пресметки ги правеше Регулаторната комисија за енергетика. РКЕ ќе ги определи цените и тарифите за останатите, односно за пренос (МЕПСО), дистрибуција (ЕВН) и за операторот на пазарот на електрична енергија (МЕМО)“, велат од ЕВН Хоум.

Единствена интервенција на РКЕ во оваа пресметка, според новиот закон, е доколку ЕВН ги надминала трошковните стапки или направила грешка во пресметката. Пред да ја применат цената, од ЕВН Хоум велат дека се обврзани да ги достават до РКЕ на контрола сите податоци користени при пресметката, како и нацрт пресметките на цените, согласно регулативите на ЕУ.
Од Министерството за економија, секторот што ги подготви законските измени, велат дека и покрај новите правила, нема да има ново поскапување на струјата.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека ЕВН Хоум ќе ги користи истите постоечки формули што ги користеше и утврди РКЕ во тарифниот систем за електрична енергија на потрошувачите.

„РКЕ нема да ја одредува новата цена за домаќинствата и малите потрошувачи, тоа ќе го направи ЕВН Хоум, а однапред ќе ја испрати на контрола до РКЕ каде ќе се провери дали тарифните системи се правилно имплементирани. Ова се прави во скоро сите земји. Само ние, Србија и Косово останавме земјите каде што РКЕ ја одредува цената на струјата“, рекоа од РКЕ.

Новата цена на струјата треба да биде објавена до крајот на годинава, а ќе важи од јануари 2024 година.

Од РКЕ соопштуваат дека едно е сигурно, дека нема да има промени во тарифните блокови.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button