Цените растат, а Владата реши да ги покачи платите на функционерите – велат од СДСМ

Државата повторно се соочува со огромен раст на цените и инфлацијата, а Владата реши да ги покачи платите на функционерите. За работниците и граѓаните повторно нема ништо. Ова е денешната реакција на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), од каде посочуваат дека оваа Влада нема визија и стратегија за заштита на стандардот на граѓаните.
Оттаму се повикуваат на последните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), според кои, годишната инфлација во мај 2025 изнесува 3,3 отсто, за што велат дека е скок во споредба со април, кога беше 2,6 отсто. Дополнително, месечната инфлација од 1,5 отсто е највисока оваа година.
„Ова значи едно. Животот е се поскап, а власта нема ниту план, ниту капацитет да го заштити стандардот на граѓаните. Но, секако, има добар план да си ги покачува сопствените плати. Оваа влада нема економска визија, нема стратегија и нема емпатија. Оваа влада има само лични интереси и работи само за себе и за никој друг“, велат од опозициската партија.
Бараат итна интервенција и конкретни мерки за заштита на стандардот, а не лажни ветувања и манипулации.
Од партијата велат и дека досега неколку пати предупредуваат дека цените растат и дека ќе продолжат да растат ако не се преземат мерките што ги понудија.
„Мицкоски се обидува да ги убеди граѓаните дека платите им растеле, но факт е дека единствено растат платите на неговите во Владата и институциите, додека народот едвај преживува“, пишува во партиското соопштение.