Централната и локалната власт се обврзани да го спроведуваат законот за јазици

Oдговорноста за помош и поддршка за унапредување на употребата на албанскиот јазик од страна на институциите, Владата целосно ја препушта на Агенцијата за спроведување на законот за јазиците На прашањето како планираат да ги предизвикаат институциите да обезбедат примена на албанскиот јазик и која е стратегијата за решавање на проблемот со недостиг на преведувачи во институциите, Владата одговара индиректно и неконкретно.
„Поддршка за примена на овој закон дава Агенцијата за примена на Законот за јазиците, која има советодавна улога при преведувањето и лекторирањето, објавувањето, со цел да се пополнат кадровските празнини со кои се соочуваат одредени институции. Исто така, функцијата на Агенцијата е да го помага, олеснува и да го поддржува процесот на примена на законските одредби со цел да се олесни постапката за граѓаните при користење на јавните услуги“, велат од Владата.
Извршната власт истакна само дека институциите на централната и локалната власт се обврзани да ги спроведуваат одредбите од законот за употреба на јазиците. Но, услугата што ја побаравме на албански, не ја добивме на албански. На прашањата кои Алсат ги испрати на албански јазик до Влада, одговорите ги добивме на македонски јазик. Со вакви случаи секојдневно се соочуваат граѓаните кои не можат да добијат услуги на мајчин јазик од институциите. Ова го констатирал и Инспекторатот за спроведување на законот за употреба на јазиците, додека институциите се правдаат со недостиг на преведувачи во нивната внатрешна организација.
Алсат веќе објави дека на списокот на Агенцијата за вработување активни баратели на работа се 154 лица со дипломи преведувачи, толкувачи, професори по албански јазик и слично.
Фатлуме Дервиши