Циципас, Фриц, Синер и Хачанов во осминафиналето на Австралија Опен

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас се пласира во осминафиналето на Австралија Опен, откако без проблеми го победи французинот Лука ван Аше со 6-3, 6-0, 6-4.
Седморангираниот тенисер во светот за два часа игра забележа 36 винери, од кои 12 асови. Тој исто така спаси осум од деветте брејк топки со кои се соочи, а искористи шест од осумте брејк можности.
Американецот Тејлор Фриц беше подобар од унгарецот Фабијан Марошан со 3-6, 6-4, 6-2, 6-2 и со тоа закажа дуел со грчкиот ас.
Покрај Циципас и Фриц, дуелот од четвртото коло на Австралија опен денес го закажаа и италијанецот Јаник Синер и Русинот Карен Хачанов.
Синер без загубен сет стигна до осминафиналето, бидејќи со убедливи 6-0, 6-1, 6-3 го совлада аргентинецот Себастијан Баез, додека Хачанов беше подобар од чехот Томаш Махач со 6-4, 7-6/4, 4-6, 7-6/5.