Црвен аларм по потресите во светската економија
Црвен аларм по потресите во светската економија

Компаниите од Охридско-струшкиот регион се соочуваат со недостаток на стручна работна сила. Бараат државата да дозволи, да можат да вработуваат лица кои се веќе во пензија, преку целата година. Според новиот предлог закон за работно ангажирање на лица, се поедноставува постапката за ангажирање на редовни студенти, пензионери, но само за повремени и сезонски работи.
„Проблем имаме со стручен кадар. Затоа треба да се направи една инцијатива да се дозволи на пензионерите после 64 години да може да останат на работа, со давачки кои им следуваат, затоа што луѓето во најзрелите години ги пуштаме да седат дома, а стопанството се судира со недостиг на кадар“, рече Ацо Андревски-сопственик на компанија во Охрид.
Покрај недостигот на работна сила, компаниите очекуваат негативни ефекти и од најавите за зголемување на царините, бидејки добар дел од нив се извозно ориентирани.
„Како што тргнаа овие царини во Америка и во Европа, ќе се одрази негативно, бидејки пласманот ни е 50% за извоз. Како ќе се зголемуваат царините ќе паднат и извозните активности“, додаде Ацо Андревски-сопственик на компанија во Охрид.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески бара да се преземат сериозни мерки, за да се спречат поголеми последици внатре во државата.
„На глобален план сите овие случувања се основа за создавање на несигурност, што е смртна рана за бизнисот., а особено за малите економии како нашата. Ако на тоа се мултиплицира, дека Европа се наоѓа во тешка ситуација, дека нашиот најголем партнер Германија се наоѓа во тешка ситуација, а и регионот исто така, ние можеме да заклучиме дека мора да ги запалиме црвените светла и да бидеме внимателни, што можеме во понатамошниот период да не очекува“, нагласи Бранко Азески- претседател на Стопанската комора.
Азески смета дека најавените американски царини се уште не се завршена работа и оти државата треба преку разговори да се бори за правата домашната економија./Алсат.мк
Башким Сулејмани