ЦУК: Активни 13 пожари, четири ставени под контрола

Од вкупно 28 во последното деноноќие, во земјава во моментов се активни 13 пожари на отворено, информира утринава Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни пожари каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација има кај селата Сирково и Подлест во Општина Росоман, кај велешкото село Калањево, кај село Слатина во Македонски Брод. Опожарена нискостеблеста шума има и во село Небрегово во Општина Долнени.
Ниска вегетација и грмушки се опожарени и помеѓу селата Драгоево и Селце, село Пухче и село Пиперово во Штипско, а во село Гајринци во Пробиштип гори нискостеблеста и висока трева.
На територија на Општина Чашка, според ЦУК, има три активни пожари – кај село Подлес (горат нискостеблеста вегетација и деградирана шума), кај селата Јаболчишта и Дреново (гори високостеблеста вегетација) и кај село Габровник – пожар префрлен од пожарот кај Слепче во кој се зафатени мешана шума и ниска вегетација.
Пожар во кој се зафатени ниска вегетација и шума и кај местото викано Смолево, Битолско.
Активен е и пожарот кај штипско Пепелиште каде што е зафатена ниска вегетација, а ниска вегетација и шума горат и во пожарот кај местото викано Бегово Поле во Општина Студеничани.