ЦУК: Пожарот во тетовско Фалише е ставен под контрола, се испитува водата за пиење

Пожарот во магацин на фабрика за бои и лакови во тетовското село Фалише е ставен под контрола, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од магацинот, како што велат од ЦУК, се уште излегува чад, но на местото има екипа пожарникари од Територијалната противпожарна единица од Тетово за да ја контролира ситуацијата. Исто така, од ЦУК велат на терен има и полициски екипи кои ја обезбедуваат локацијата.
Согласно информациите во ЦУК, екипа од Центарот за јавно здравје во Тетово е на терен за да ја испитаат водата за пиење, а резултатите ќе бидат готови за неколку дена. Сепак од ЦУК велат дека, од информациите што ги имаат од Центарот за јавно здравје од Тетово, состојбата на водата ќе биде во ред, бидејќи бушотината од којашто се црпи вода имала 50 метри длабочина.
Пожарот во фабриката избувна вчера околу 10:30 часот, а од снимките кои беа објавени може да се видат густ црн чад и пламен како излегуваат од објектот на магацинот, во кој изгореа голема количина бои, лакови и други хемикалии.