
Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел, разговараше со медиумите во пресрет на натпреварот од Лигата на шампионите против Манчестер Јунајтед. Германскиот стратег е свесен дека на „ѓаволите“ им е потребна победа за евентуален пласман во осминафиналето, но вели дека Баварците максимално мотивирани ќе допатуваат во Манчестер и го најави Хари Кејн во почетниот состав.
„Имаме тежок предизвик, Манчестер Јунајтед е секогаш силен тим. Тие со евентуална победа би можеле да минат во следната фаза, но и ние ќе дадеме сѐ од себе за да се претставиме во добро светло. Нашето учество во осминафиналето е загарантирано, но тоа не значи дека нема да одиме на победа на „Олд Трафорд“. Хари Кејн е максимално мотивиран за овој дуел и мислам дека ќе започне од првата минута. Сега е во најзрелите години и само небото е граница за него“, изјави Тухел.
Баерн Минхен има 13 бода во групата А и е сигурно првопласиран, но ќе се води голема битка за второто место кое моментално му припаѓа на Копенхаген. Данците имаат пет бода, исто колку и третопласираниот Галатасарај, додека Манчестер Јунајтед е последен со еден бод помалку. Со евентуален триумф, „ѓаволите“ ќе имаат можност за пласман понатаму, но во голема мера ќе зависат и од резултатот на мечот меѓу Копенхаген и Галатасарај.