Тупанчевски ветува ренесанса во борбата против корупцијата

Дел од законите не даваат ефекти, ниту пак, се правно издржани. Ова го вели академик Владо Камбовски, кој смета дека лошата пракса и корупцијата се главни кочничари на примената на законите. Затоа, вели Камбовски, Македонија не е поместена од лошите рангирања на меѓународните институции како заробена држава или пак хибирден режим. Ако партиите не се дистанцираат при примената на законите, напредок нема да има.
„Прво, треба да преовлада свеста дека партиите треба да си го спуштат својот перископ и својот однос кон прашањата во општеството под нивните веќе јасно лоши во 30-те години тесни партиски, иделолошки и не знам кои други интереси…“, рече Камбовски.
Според универзитетскиот професор, Светомир Шкариќ, за да се спречи корупцијата, институциите мора да работат професионално.
„…Никако институциите не можат да се стабилизираат заради тоа што малку внимание се посветува на заедничките интереси на методот при одлучувањето и затоа во истите владее еуфорија на лични интереси“, вели Шкариќ.
Министерот за правда Никола Тупанчевски ги признава аномалиите. Вели, проблемот бил во системската слабост бидејќи законите не се спроведувале.
„Верувам дека во периодот што доаѓа нè очекува, јас би можел фигуративно да наречам РЕНЕСАНСА, дека навистина, ќе стигнеме до резултати коишто ќе значат и специјално, меѓутоа и генерална превенција во однос на сузбивање на криминалитетот, а тука влегува корупцијата, организираниот криминал и останатите девијантни однесувања“, рече Тупанчевски.
Овие ставови беа кажани на Охридската школа на природното право која трае неколку дена. Покрај потребните реформи во правосудсниот сектор и како да се подобри системот, се дискутира и за лошите услови во затворите.
Игор Стефановски